OnePlus официјално ги претстави своите најнови премиум телефони, кои доаѓаат со значителни надградби во однос на претходната генерација.

Компанијата посебно ја истакна тригодишната, 150 милиони вредна соработка со Hasselblad во областа на камерите, а новите смартфони ги краси и премиум чипсетот Snapdragon 888. Ова, како и другите карактеристики, пристигнува по прифатлива цена за премиум сегментот на пазарот.

OnePlus 9 Pro

OnePlus 9 Pro најмногу профитираше од соработката со Hasselblad. Телефонот има четири камери на задната страна, предводени од 48MP Sony IMX789 сензор, кој нуди 4-in-1 pixel-binning за креирање 12MP фотографии. Камерата нуди оптичка стабилизација, снимање на 4K видео со 120fps и 12-битни HDR фотографии. Постои и режим Hasselblad Pro за подобра контрола на функциите како што се ISO, баланс на белата боја и друго. Телефонот има и ултраширока камера од 50MP со Sony IMX766 сензор и нуди Freeform Lens за намалување на дисторзијата. Присутни се и 8MP телефото камера со оптичка стабилизација (3,3x оптичко и 30x дигитално зумирање), како и 2MP монохроматски сензор. Од предната страна се наоѓа 16MP селфи камера, со EIS (Electronic Image Stabilization) технологија. OnePlus ги подобри перформансите на своите камери во услови на слаба осветленост и ја подобри HDR поддршката.

OnePlus 9 Pro ima 6.7-инчен QHD+ (3216 x 1440) LTPO AMOLED дисплеј со HDR10+ сертификат, 1300 нита максимално осветлување и варијабилна стапка на освежување помеѓу 1Hz и 120Hz. Во дисплејот е имплементиран сензор за отпечатоци од прсти за побрза верификација.

Телефонот го покренува премиум Snapdragon 888 чипсетот на Qualcomm, во комбинација со 8GB и 12GB LPDDR5 RAM, како и 128GB и 256GB простор за складирање податоци. Подобрено е и ладењето на телефонот, па така OnePlus 9 Pro користи поголеми воздушни комори и бакарна фолија, заедно со подебели слоеви на графит, за да се обезбеди подобро одведување на топлиот воздух од уредот.

Уште една битна област, во која се направени подобрувања, е полнењето на батеријата. Батеријата о4500mAh се полни до врвот за 29 минути, благодарение на Warp Charge 65T технологијата. OnePlus нуди полнач од 65W во пакетот. Покрај тоа, 9 Pro има поддршка за 50W безжично полнење, што овозможува целосно полнење на батеријата за 43 минути.

OnePlus 9 Pro доаѓа во три бои (Morning Mist, Pine Green и Stellar Black), има заден дел со 3D Corning Gorilla Glass заштита, IP68 сертификат, два стерео звучника. Оперативниот систем е OxygenOS 11 заснован на Android 11, а тука е и Turbo Boost 3.0 за оптимизација на меморијата, што овозможува во позадина да работат 25 проценти повеќе апликации.

Кога станува збор за цената, OnePlus 9 Pro чини 900 евра/970 долари за 8GB + 128GB моделот, додека 12GB + 256GB варијантата ќе чини 1000 евра/1070 долари. Претпродажбата на телефонот започнува на 26 март, а испораката почнува на 2 април.

OnePlus 9

Стандардниот OnePlus 9 е исто така интересен, бидејќи нуди неколку премиум карактеристики по уште пониска цена. Телефонот има 6,55-инчен AMOLED екран со брзина на освежување од 120Hz. Панелот е рамен, со кружен отвор за 16MP селфи камера. Резолуцијата на екранот е FHD+ (2400 x 1080p, 402 ppi).

Qualcomm Snapdragon 888 чипот го покренува и овој модел, а достапен е избор помеѓу две конфигурации на меморија и складирање: 8GB RAM + 128GB и 12GB RAM + 256GB. Телефонот користи LPDDR5 и UFS 3.1 стандарди. Во областа на софтверот, го имаме OxygenOS 11 базиран на Android 11, додека за верификација се користи сензорот за отпечатоци сместен во екранот.

На полето на камерите, OnePlus 9 користи три сензори на задната страна, но тие се значајно унапредени во однос на OnePlus 8T моделот, кој имаше четири камери. Главната камера од 48MP користи нов Sony IMX689 сензор, способен за снимање 8K видео @30fps и поддржува 12-битни RAW фотографии. Тука е и ултрашироката камера од 50MP со Sony IMX766 сензор како кај Pro моделот, како и 2MP монохроматска камера.

OnePlus 9 пристигнува со 4500mAh двоќелиска батерија, а поддржува полнење од 65W (во пакетот е вклучен полнач од 65W). Значителна надградба претставува поддршката за 15W безжично полнење. Телефонот доаѓа во Winter Mist, Arctic Sky и Astral Black варијанти на бои. Задната страна има Corning Gorilla Glass заштита, но рамката не е изработена од метал, туку OnePlus користи полимер зајакнат со фиберглас, за тежината на уредот да ја задржи мала.

Почетната цена на OnePlus 9 телефонот изнесува 700 евра/730 долари за 8GB + 128GB моделот, додека 12GB + 256GB варијантата чини 800 евра/ 830 долари. Претпродажбата започнува на 26. март, а испораката на уредот на 2. април.