Научниците кои се обидуваат да го утврдат потеклото на вирусот што го предизвикува Ковид-19 велат дека има сѐ повеќе докази кои укажуваат на тоа дека истрагата треба да се прошири и надвор од Кина.
По првиот потврден случај на Ковид-19, што кинескиот град Вухан го стави во центарот на светската јавност во декември 2019 година, истражувачите кои се обидоа да откријат како и од каде потекнува вирусот што го предизвикува потенцијално смртоносното заболување, се концентрираа на Кина.
Најблискиот познат роднина на патогенот, со идентичен геном од 96 проценти, е другата форма на коронавирусот што беше откриена на почетокот на 2020 година во јужната кинеска провинција Јунан.
Неколку неодамнешни истражувања, меѓутоа, открија неколку вируси кои се речиси слични на SARS-CoV-2 како оној од Јунан, но појужно, во Камбоџа и Тајланд, пишува Voice of America.
Вирусолозите од неодамнешната мисија во Вухан, испратена од Светската здравствена организација да го испитаат потеклото на Ковид-19, исто така, веруваат дека во следната фаза на ова истражување, Југоисточна Азија треба да се додаде во областа на интерес.
Нивниот совет е да се следат лилјаците. Некои видови на овие летечки цицачи се добро познати резервоари на формите од семејството на коронавируси и водечки кандидати како извор на SARS-CoV-2.
Научниците веќе идентификуваа повеќе од 100 форми на коронавирус поврзани со SARS низ Кина, вели Питер Дазак, еден од вирусолозите вклучени во мисијата во Кина.
– Сепак, ние не направивме доволно истражување во Мјанмар, Лаос и Виетнам за навистина да кажеме дека нема уште повеќе во тие земји, рече Дазак за Voice of America.
– Кога обележувате на картата каде живеат лилјаците кои ги пренесуваат овие вируси, тогаш почнувате да забележувате дека во оние земји на јужната кинеска граница има уште повеќе видови лилјаци, а веројатно и повеќе видови вируси. Значи, постои можност дека вирусот потекнува од провинцијата Јунан, но мојата најдобра проценка е дека треба да ги испитаме Мјанмар, Лаос, Виетнам и уште појужно – целиот регион на Југоисточна Азија како потенцијално жариште, рече Дазак.
Kина одби да обезбеди оригинални податоци за најраните пациенти со COVID-19.
– Дури и без тоа, додава Дазак, кинеските научници и делегацијата на СЗО се согласија дека патот по кој SARS-CoV-2 најверојатно стигнал до луѓето е од лилјаците преку некој вид одгледувано диво животно, кое служело како пренесувач.
На почетокот на минатата година, научници од Кина и Австралија објавија дека пронајдоа вируси повеќе од 90 проценти идентични со SARS-CoV-2 во малајските панголини (лушпести мравојадци) – што може да биде потенцијален вектор затоа што луѓето ги ловат за нивните лушпи и месо. Овие панголини се шверцуваат во јужна Кина од Југоисточна Азија.
Неколку месеци подоцна, научниците ги открија предците на вирусот SARS-CoV-2 во лилјаците потковичари, кои се собрани во Камбоџа и биле замрзнати повеќе од една деценија. Во нивните извештаи, тие наведоа дека откритието „сугерира дека вирусите поврзани со SARS-CoV-2 живеат на многу поголема географска област отколку што се сметаше претходно и дека Југоисточна Азија е клучна област што треба да се разгледа при барање на потеклото на SARS-CoV-2, што сѐ уште трае“.