Повластените акции на VW во средата пораснаа за 11%, со што пазарната вредност достигна 140 милијарди евра. Пазарната капитализација на SAP е 127 милијарди евра.
Обичните акции на VW од почетокот на годината пораснале за 80 проценти, додека поликвидни повластени акции скокнале за 50 проценти
Аналитичарите причината за ваквиот пораст ја гледаат во големиот оптимизам на инвеститорите кон амбициите на германската компанија во сегментот на електрични автомобили. Германскиот автомобилски гигант во понеделникот објави дека ќе изгради шест фабрики за батерии во Европа до 2030 година, со цел да обезбеди услови за масовно производство на електрични возила. Овие погони VW ќе ги гради сам и во партнерство со други компании и има утврдено производствен капацитет од 240 гигават часови на годишно ниво.
„Е-мобилноста стана основен дел од нашата деловна активност. Сега систематски интегрираме дополнителни фази во нашиот синџир на вредности”, вели извршниот директор на VW, Херберт Дис, на собирот организиран од компанијата. „Обезбедуваме долгорочна истакната позиција во трката за најдобра батерија и најдобро корисничко искуство во време на мобилност со нулта емисија (штетни гасови)“, додава Дис.