Германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер, денес им додели ордени за заслуги на сопствениците на компанијата „Бионтек“, Угур Шахин и Озлем Туречи. На свеченоста тој повика на поголема слога и одлучност во борбата против пандемијата, а Шахин предупреди дека борбата против мутираните видови на вирусот може да биде уште поголем предизвик.

„Токму сега, во сенка на третиот пандемски бран, не е време за резигнација и самосожалување“, рече Штајнмаер алудирајќи на јавната дебата за неуспесите во борбата против пандемијата во Германија.

„Секако, направени се грешки што треба да ги разгледаме, но минуваме премногу време во потрага по дежурни виновници“, рече германскиот претседател. Според него, во моментот помага само една работа – што поголема стапка на вакцинација.

Штајнмаер на сопствениците на „Бионтек“ им додели Голем сојузен крст за заслуги и достигнувања во борбата против пандемијата.

Компанијата „Бионтек“ од Мајнц, предводена од двајцата научници со турско потекло, кои исто така се двојка во приватниот живот, ја произведе првата вакцина против коронавирусот, што беше прифатена во Европската Унија.

„Вашето пионерско откритие спасува човечки животи и го обезбедува нашиот економски, културен и социјален опстанок“, рече Штајнмаер.

Угур Шахин ги повика Германците да не се предаваат во борбата против пандемијата.

„Секој поединец може да придонесе што е можно поуспешно да се премости третиот бран“, рече Шахин. Тој предупреди дека следната фаза, поради мутираните варијанти на вирусот, кои е потешко да се контролираат, ќе биде поголем предизвик од претходните.

„Ние мора да собереме сили и не смееме да бидеме деморализирани од овој трет бран, кој очигледно ќе трае подолго од претходните“, рече Шахин при врачувањето на наградите во претседателската палата во Берлин.