Последниот произведен примерок на Airbus А380 го напушти Тулуз, полетувајќи од аеродромот „Блањак“ кон центарот каде се финализираат авионите во Хамбург, Германија.
Последниот Суперџамбо во Хамбург ќе ги добие своите внатрешни делови и таму ќе биде обоен во боите на компанијата Emirates, последниот клиент на Airbus А380. Досега се насликани само перката и четирите мотори на авионот. Овој последен примерок ќе биде испорачан во текот на 2022 година и со него ќе се означи крајот на сагата што почна на 27 април 2005 година, кога беше изведен првиот лет на гигантскиот авион замислен од Airbus на крајот на 1990-тите .
Надевајќи се дека ќе го истисне Boeing 747 од големиот пазар на авиони, А380 на крајот не го исполни очекуваниот комерцијален успех со само 251 произведени единици, од кои дури 122 за својот најголем клиент: компанијата Emirates. А380 влезе во функција кога избувна финансиската криза во 2008 година, предизвикувајќи пад на воздушниот сообраќај. Првично Airbus очекуваше производството на околу 700 парчиња од овој модел да ги амортизира трошоците за програмата. Продажната програма никогаш не беше исполнета и покрај наклонетоста на јавноста кон овој супер џамбо што изгледа тивок, смирувачки и нуди невиден простор на комерцијален авион. Airbus реши да ја заврши програмата во февруари 2019 година.
Вкупно, 300 милиони патници веќе летале со авионот А380 и оваа бројка ќе продолжи да расте затоа што, и покрај кризата со коронаворусот, неколку компании ќе ги вратат во употреба своите А380, пред сѐ Emirates, British Airways и Singapore Airlines, компанија која во моментов го реновира најстариот од своите модели А380. Додека, Air France дефинитивно го повлече леталото од својата флота.