Социјалната мрежа Instagram воведува нови правила во врска со интеракцијата помеѓу возрасните и тинејџерите, со цел да ги заштити помладите корисници.

Instagram им забрани на возрасните да им испраќаат директни пораки на тинејџерите кои не ги следат, а младите корисници ќе бидат предупредени при испраќањето директни пораки до постари лица, кои покажале потенцијално сомнително однесување.

Младите ќе можат да ги пријавуваат или блокираат возрасните корисници кои им испраќаат пораки, а Instagram ќе ги потсети да не одговараат на пораките и да бидат претпазливи кога споделуваат фотографии, видеа или информации со некој што не го познаваат.

Сомнителното однесување вклучува голем број барања за следење и пораки до луѓе на возраст под 18 години. Оваа можност ќе биде достапна во некои земји веќе овој месец, а наскоро и во остатокот од светот.

Instagram работи и на технологија која ќе се обиде да ја одреди вистинската возраст на лицето кое се обидува да креира профил. Во моментов, корисниците мораат да имаат 13 или повеќе години, но лесно е да се измами системот. Во Instagram се решени ова да го спречат, а засега нема детали за тоа како имаат намера да ги остварат своите цели.

Социјалната мрежа во иднина ќе ги охрабрува младите корисници да ги чуваат своите профили приватни, а оние што ќе отворат јавен профил, ќе добијат известување во кое ќе бидат наведени предностите на приватниот профил.