Симулациите покажаа дека ултразвучните бранови на фреквенциите на кои се вршат медицински прегледи, можат да предизвикаат распаѓање и пукање на кората и зашилените протеини на коронавирусот.

За структурата на коронавирусот досега се научени многу тработи, но малку е познато за неговиот физички интегритет. Но, тоа го промени студијата на научници од МИТ, која сугерира дека коронавирусите можат да бидат ранливи на вибрации предизвикани од ултразвучни бранови, и тоа на фреквенции кои се користат и за медицинска дијагностика.

Преку компјутерски симулации, тим од МИТ ја моделираше механичката реакција на коронавирусите на вибрациите од поширок опсег на фреквенции. Открија дека вибрациите помеѓу 25 и 100 мегахерци предизвикуваат колапс и пукање на мембраната на вирусот и неговите шилести протеини во дел од милисекунда. Тој ефект е забележан во симулациите на вирусот во воздух и во вода.

Добиените резултати се прелиминарни и се засноваат на ограничени податоци поврзани со физичките карактеристики на вирусот. Сепак, научниците велат дека нивното истражување е првиот чекор кон можен третман на коронавирусите на база на ултразвук, а тоа го вклучува и новиот коронавирус, односно SARS-CoV-2.

Како овие ултразвучни бранови точно ќе бидат применети на пациентот и колку тие би биле ефективни во оштетувањето на вирусот во рамките на сложеното човечко ткиво, се важни прашања за кои научниците допрва ќе наоѓаат одговори во понатамошната работа.

„Докажавме дека при ултразвучно возбудување на мембраните на коронавирусот и неговите шила ќе вибрираат и дека амплитудата на овие вибрации ќе биде многу голема, произведувајќи притисок што може да скрши делови од вирусот, предизвикувајќи видливо оштетување на мембраната и можно невидливо оштетување на РНК во самиот вирус“, вели Томаш Вирцбицки, професор по применета механика на МИТ.

Научниците користеле едноставни концепти на механиката и физиката на цврсти објекти за да конструираат геометриски компјутерски модел на структурата на вирусот, заснован на ограничени информации од научната литература, како што се микроскопски слики на мембраната на вирусот и неговите зашилени протеини.

Исто така, врз основа на претходните студии, ја мапирале општата структура на семејството коронавируси, која ги вклучува ХИВ, грип и SARS-CoV-2 сојот. Структурата што ја конструирале се состои од липидни протеини и кондензирани шилести рецептори, кои излегуваат од надворешната мембрана на вирусот.