OnePlus Watch може да биде претставен на 23 март, заедно со телефоните од OnePlus 9 серијата. Во претходниот период имавме многу информации за претстојните уреди, но немаше премногу детали за паметниот часовник на OnePlus. Сега се појавија главните спецификации на уредот.

Изворите на оваа информација сугерираат дека OnePlus Watch ќе има опција за црна и сребрена боја, а пристигнува во големина од 46 мм. Не е познато дали ќе постои и помала верзија на паметниот часовник.

OnePlus Watch се очекува со вообичаениот сет на функции за здравје и фитнес, вклучувајќи следење на вежбањето, спиењето, отчукувањето на срцето и нивоа на стрес. Ќе има и SpO2 сензор за мерење на нивото на кислород во крвта. Покрај тоа, часовникот ќе има IP68 сертификат за отпорност на вода и прашина.

Паметниот часовник ќе може да прикажува известувања од поврзаните уреди, како и да ја контролира музиката на телефонот. Ќе работи и како далечински управувач за OnePlus TV уредите.

Протечените информации сугерираат дека часовникот ќе има 4GB простор за складирање податоци, како и поддршка за Warp Charge, што за 20 минути полнење овозможува целодневна работа. Капацитетот на батеријата моментно не е познат.

Не е познато ни дали OnePlus Watch ќе ја користи Google Wear OS платформата или сопствен прилагоден оперативен систем. Се очекува да биде достапен во стандардна и LTE варијанта и ќе овозможи ппвикување и одговарање на телефонски повици.