Компанијата од Купертино ќе се фокусира на помалиот, подостапен и понов HomePod mini модел.

Американската компанија Apple објави дека ќе го запре производството на својот оригинален паметен звучник HomePod. Наместо тоа, ќе се фокусира на помалиот, подостапен и понов модел на HomePod, објави CNBC.

Првиот HomePod звучник беше лансиран во 2018. година, но никогаш не успеа на масовниот пазар на начин на кој тоа го направија конкурентските производи, како што се Amazon Echo или Google Home.

Иако HomePod беше препознатлив по својот висок квалитет на звук, неговата цена изнесуваше 349 долари, што е значително повеќе од другите популарни уреди на пазарот. Една година подоцна, Apple ја намали цената на 300 долари.

HomePod mini се појави во ноември 2020 година по цена од 99 долари и е меѓу најдобро продаваните уреди во категоријата звучници со оваа големина. Ова е токму моделот што Apple ќе продолжи да го продава.

„HomePod mini беше хит уште од своето деби минатата есен, нудејќи им на потрошувачите неверојатен звук, интелигентен асистент и паметна контрола на домот за само 99 долари“, изјави портпаролот на Apple за CNBC.

„Apple ќе ги фокусира своите напори на HomePod mini и поради тоа го сопираме производството на оригиналниот HomePod. Тој ќе биде достапен преку онлајн продавницата, во физичките продавници на Apple и кај овластените трговци, сè додека имаме залихи. Apple ќе понуди ажурирања на софтверот на корисниците на HomePod, како и поддршка преку Apple Care“, додаде портпаролот.