OnePlus 9 и OnePlus 9 Pro се очекуваат за помалку од две недели, а сега се појавија фотографии кои двата телефона ги прикажуваат во сите бои. Истовремено, извршниот директор на OnePlus, Пит Лау потврди дека IMX789 ќе биде ексклузивен за телефоните на компанијата.

Покрај тоа, двата уреда се појавија и на Geekbench, што открива дека и стандардниот и Pro OnePlus 9 моделот ќе имаат варијанти со 12GB RAM меморија.

OnePlus 9 ќе биде достапен во црна, сина и виолетова боја. Ќе има три камери на задната страна, креирани во соработка со Hasselblad, како и dual-tone LED блиц. Од предната страна се очекува 2.5D панел со закривени рабови.

OnePlus 9 Pro ќе има четири камери на задната страна, а пристигнува во бела, зелена и црна боја. Се очекува и заден панел од стакло, кој ќе овозможи безжично полнење на телефонот.

Веќе знаеме дека ултрашироката камера ќе користи 48MP IMX766, а сега Пит Лау откри и повеќе детали за IMX789 сензор за главната камера. Овој сензор ќе поддржува снимање на 4K видео @120fps. OnePlus 9 Pro ќе има и Hasselblad Pro режим за 12 битни RAW фотографии.