Nikkei Asia сугерира нови информации, кои се однесуваат на плановите на компанијата Apple. Откако од овој медиум стигна информацијата за тоа дека Apple планира да го намали капацитетот на производство на iPhone 12 линијата (ова првенствено се однесува на iPhone 12 mini), сега се сугерира дека Apple ќе го одложи производството на своите нови лаптопи.
Минатиот месец, аналитичарот Минг-Чи Куо прогнозираше дека новите MacBook Pro лаптопи ќе бидат објавени во втората половина од годината, а тоа сега го потврдува и Nikkei Asia. Претходно се очекуваше масовното производство на лаптопите да почне во мај или јуни.
Во извештајот не се споменува конкретно дека се работи за MacBook Pro моделите, но се верува дека се работи за тие уреди. Куо претходно спомена дека новите MacBook Pro модели ќе имплементираат значајни промени во дизајнот и спецификациите.
Двата MacBook Pro модела, што се очекуваат, се новиот 14-инчен Macbook Pro и освежениот 16-инчен модел. Новите лаптопи ќе ги отфрлат процесорите на Intel во корист на Apple M1 чиповите.