Канцеларијата на Светската здравствена организација за Европа денес објави дека секој десетти пациент заразен со коронавирус има симптоми на болеста дури и три месеци по инфекцијата.

Директорот на Канцеларијата на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека т.н. „продолжен Ковид“ останува непознат, но дека проблемот е реален и значаен.

Светската здравствена организација апелира до политичките актери да направат повеќе за да обрнат внимание и да го лекуваат долгорочниот ковид, што се манифестира, меѓу другото, со силен замор, болка во градите, срцеви проблеми, главоболки, заборавеност, депресија, губење мирис, дијареја и кивање, пренесуваат светските агенции.

Клуге во изјава истакна дека достапните податоци покажуваат дека секое четврто лице заразено со коронавирусот има симптоми дури и еден месец откако добило позитивен тест, додека секое десетто лице има симптоми дури и по 12 недели.