Драгана Перковиќ Мартин од Белград била дел од тимот на NASA, кој го спушти роверот Perservance на Марс. Таа била задолжена за радарските системи, пренесува „РТС“.
„Мојот тим беше задолжен за правење на радарите кои даваат податоци за брзината на движењето на возилото до површината на Марс и растојанието на возилото до површината на планетата. Ние учествувавме во тие седум минути терор. Јас го водев тој тим како еден од систем-инженерите кои беа одговорни за тоа како радарот функционира за време на слетувањето“, вели Драгана.
Радарот на кој Драгана работела нешто повеќе од осум години повеќе не е потребен. По слетувањето, тој одлетал и се срушил недалеку од роверот. Неговиот живот тогаш бил завршен, вели Драгана.
Роверот останува без радар за спуштање, иако на себе има друг радар, кој ќе продолжи да дава научни податоци. Студот на Марс ќе ги диктира карактеристиките на роверот и инструментите, објаснува Драгана.
Perservance има за цел да бара докази за постоење живот на Марс. Се претпоставува дека на Црвената Планета пред 3.5 милијарди години имало вода.
„Инженерскиот тим кој се занимава со роверот проверува дали сите инструменти на него и неговите компјутери се во ред. Засега роверот нема испратено никакви значајни научни податоци, но ни испрати една прекрасна панорама, која ја направил со една од главните камери кои се наоѓаат на него“, вели Драгана.
Мисијата Perservance е планирано да трае две марсовски години, што е малку повеќе од нашите две години на Земјата. За луѓето на Балканот, слетувањето на роверот има посебно значење поради името на кратерот Језеро, наречено по една општина во Босна и Херцеговина.