Експертите од СЗО кои што го истражуваат потеклото на пандемијата на коронавирусот изнесоа нова теорија која што е многу веројатна.

Според нив јазовците и зајаците би можеле да имаат важна улога во пренесувањето на коронавирусот на луѓето на пазарот во кинескиот град Вухан.

Истражувачите сметаат дека е многу веројатно дека токму овие две животни имале улога на „домаќини“ – посредници во пренесувањето на коронавирусот на луѓето.

Тие исто така дале до знаење дека сепак потребна е дополнителна истрага за оние кои што вршат испорака на овие и останатите видови животни на пазарот во овој кинески град, пренесува „The Wall Street Journal“.

Тие сè уште не ја составиле комплетната листа на живи и неживи животни кои што нелегално се продаваат на пазарот, а за кои што постои сомнеж дека се постоечки преносители на коронавирусот.

Експертите инсистираат дека Кина треба да направи масовно тестирање на своите фарми со ласици откако во Европа беше потврдено двонасочно пренесување на вирусот меѓу луѓето и овие животни.

Малку е веројатно дека вирусот е вештачки создаден

Тимот експерти на СЗО минатата седмица ја заврши својата посета во Кина која што траеше четири седмици, пренесува руски „Спутник“.

Тие објавиле дека има мала веројатност дека коронавирусот „побегнал“ од некоја лабораторија, односно дека е создаден од човечка рака. Од друга страна улогата на пазарите во Вухан во пандемијата е сè уште нејасна.

Истражувачите и претходно изнесоа сомнеж дека вирусот се проширил од пазарот за лилјаци во Вухан за кои што претходно се мислеше дека се и главните преносители на вирусот, но се сугерираше и дека постои и некој посреден домаќин.