Од вселената изгледаат како базени од чисто злато, но всушност станува збор за јами кои што се полни со отровна кал.

Дел од прашумите во Амазон во Перу блескале како злато на фотографијата која ја снимиле астронаутите од Меѓународната вселенска станица.

Фотографијата всушност успеала да „улови“ рефлексија на сончевата светлина од јамите кои што се полни со заматена вода, но во нив всушност се наоѓа и по малку злато поради тоа што секој од локалните жители ја вади тињата во потрага по парчиња злато, пренесува „NASA Earth Observatory“.

Јамите веројатно ги ископувале независните рудари во потрага по злато.

„Секоја од јамите е опкружена со девегетациско подрачје на калливо тло. Тие делови ги следат тековите на прастарите реки кои што имаат многу седименти, вклучувајќи и седименти од злато“, појаснува Џастин Вилкинсон од државниот Универзитет во Тексас.

На фотографијата може да се види дел од амазонската прашума во перуанската покраина Мадре де Диос (Божја мајка), а токму на тоа подрачје се наоѓа и една од најголемите независни индустрии за рударство на злато во светот, додава Вилкинсон.

На тоа подрачје илегално оперираат 30.000 рудари, истовремено уништувајќи ја прашумата во потрага по грам од најценетиот метал.

И додека тоа може да значи некаква можност за заработка за сиромашните жители на споменатата покраина, за амазонската прашума тоа е погубно.

Истражувањето кое што било објавено во 2011 година покажало дека барањето злато на тоа подрачје има најголемо влијание во исчезнувањето на прашумата.

Но, потенцијалните проблеми тука не запираат. Тие илегални рудари всушност го ставаат во ризик и локалното население затоа што мешаат седименти со жива за да го издвојат златото од другите минерали.

Како последица на тоа, најверојатно 55 тони жива годишно завршува во локалните реки и атмосферата, а локалните жители кои што јадат риба од тие води имаат три пати поголеми шанси за труење со жива.

Извори: Zimo.hrLive Science