На Мадагаскар е пронајден рептил за кој научниците веруваат дека е најмал во светот, а станува збор за подвид на камелеон чие тело е долго само 13,5 милиметри.

Два мали влекачи од видот Brookesia nana, чии припадници се познати и како нано-камелеони, биле откриени од страна на членовите на тимот на германско-мадагаскарската експедиција, пишува BBC.

Мажјакот има тело кое е долго само 13,5 милиметри, што го прави најмал помеѓу 11.500 познати видови влекачи. Неговата должина од главата до крајот на опашката изнесува 22 милиметри. Женката е малку поголема, околу 29 милиметри, а научниците наведуваат дека други примероци допрва треба да бидат пронајдени.

Камелеонот бил пронајден сам во запуштените прашуми на северот на Мадагаскар, а можно е да му се заканува изумирање, предупредуваат научниците.

Оливер Хавличек од Центарот за природна историја во Хамбург, сепак тврди дека тоа подрачје неодамна било ставено под заштита и дека видот ќе успее да преживее.

Истражувачите откриле дека камелеоните се хранат со грини од земјата и ноќе се кријат во тревата од предаторите. Тие предложиле камелеонот да се стави на листата на критично загрозени видови за да се помогне во зачувување на неговото природно живеалиште.

Извор: B92.net