Xiaomi продава некои од своите Mi Notebook лаптопи без камера, што во моментов е далеку од идеално, кога имаме ситуација кога сè повеќе корисници работат или учат од дома. Сега кинеската компанија објави нова верзија на Mi Notebook 14 лаптопот, кој има интегрирана веб-камера во горната рамка.

Другите главни спецификации на лаптопот вклучуваат процесор Intel Core i5 од 10. генерација и привлечна цена од околу 600 до 680 долари во зависност од конфигурацијата.

Целосното име на лаптопот е Xiaomi Mi Notebook 14 (IC) и доаѓа во три варијанти. Најевтиниот модел има 8 GB RAM и 256 GB простор за складирање, заедно со графичката карта Intel UHD Graphics 620.

Малку поскапата варијанта користи двојно повеќе простор за внатрешно складирање, додека најскапиот модел има 512 GB простор за податоци и графичка карта Nvidia GeForce MX250.

Другите спецификации вклучуваат 14-инчен екран со 1080p резолуција и однос од 16:9. Постојат SATA 3 SSD и батерија од 46Wh. Опциите за поврзување вклучуваат Wi-Fi 802.11ac модул, Bluetooth 5.0, три USB порта, еден HDMI порт и 3,5 mm приклучок.

Тежината на лаптопот е 1,5 кг, а дебелината е под 18 милиметри. Xiaomi Mi Notebook 14 (IC) е достапен за продажба преку интернет-страницата на компанијата.