Профилите на корисниците на TikTok помлади од 16 години ќе бидат автоматски приватни, а тоа е резултат на мерките кои ги воведе популарната апликација со цел унапредување на безбедноста на децата.
На профилите на корисниците помлади од 16 години ќе можат да им пристапат само корисниците чие барање за следење ќе биде одобрено, а со тоа ќе добијат можност за коментирање на видеата. Исто така, опцијата за преземање на било какви клипови од овие профили ќе биде оневозможена.
Од TikTok порачуваат дека се надеваат дека овие промени ќе ги охрабрат младите корисници „активно да се вклучат во зголемувањето на онлајн приватноста“.
„Се надеваме дека ќе ги инспирираме да преземат активна улога и информирани да донесуваат одлуки“, рече Елејн Фокс, шефица на одделот за приватност.
Лицата на возраст меѓу 13 и 15 години ќе можат да „одобруваат“ пријатели и да им овозможуваат да ги коментираат видео клиповите, а ќе имаат и избор дали сакаат клиповите да бидат јавно достапни или не. Сепак, нивните профили нема да им бидат предложени на други лица.
Во однос на профилите на лица на возраст од 16 и 17 години, на другите нема да им биде дозволено да ги преземаат нивните видеа, но опцијата за гаснење на оваа рестрикција ќе остане достапна.
Популарните дуети нема да можат да се прават со лица на возраст под 16 години, освен ако тие не дадат дозвола.