Откако во 2019. година го претстави Private Network системот, Mozilla во јули минатата година го објави својот VPN сервис, но само за Windows и Android уредите. Потоа, на ред дојде iOS верзијата, a конечно овој VPN пристигнa и на Mac и Linux компјутерите.

Системот за Mac и Linux системите се уште во фаза на поставување и VPN работи на нив засега во шест земји – САД, Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Сингапур и Малезија. Меѓутоа, Mozilla тврди дека наскоро ќе биде достапен и во други региони. Идејата околу овој проект е да се комбинираат сите уреди со едно VPN решение. За месечна претплата од 5 долари, корисниците ќе можат да користат VPN на пет уреди, без разлика дали станува збор за телефон, таблет или компјутер, без оглед на кој оперативен систем работат.

Се разбира, ова не е единственото, ниту најевтино VPN решение на пазарот. Сепак, Mozilla тврди дека се во предност, бидејќи нивниот код е оптимизиран, па затоа VPN услугата е побрза од ривалите. Во моментов, во мрежата се наоѓаат речиси 300 сервери, поставени во повеќе од 30 држави, кои овозможуваат употреба на VPN без никакви ограничувања во протокот. Услугата е безбедна и го користи WireGuard системот на енкрипција на ниво на уредот и не чува логовите за мрежните активности на корисниците.