Intel во текот на виртуелниот CES 2021 саем претстави и најави голем број чипови. Покрај десктоп линијата, компанијата навести и неколку модели наменети за мобилните уреди.
Alder Lake е платформа што ќе се натпреварува на пазарот со Apple ARM M1 чипот. Intel истакнува дека Alder Lake користи хибридна архитектура, слична на ARM BIG.little, така што имплементира јадра со високи перформанси заедно со јадра кои имаат ефикасна потрошувачка. Меѓутиа, Intel сака оваа платформа да биде основа за идните десктоп и лаптоп процесори, наместо да се фокусира на мобилните платформи.
Се очекува дека Alder Lake чиповите ќе се појават на пазарот во текот на втората половина на годината и ќе ја користат подобрена верзија на 10nm SuperFin производниот процес. Alder lake ќе биде дел од 12. генерација на Intel процесори.
Во рамките на актуелната 11. генерација, Intel ги најави Tiger Lake 35W и 45W процесорите за лаптопи. Станува збор за процесори кои можат да достигнат 5.0GHz брзина на работниот такт, ќе имаат до осум јадра и поддршка за Thunderbolt 4, Wi-Fi 6/6E и PCIe Gen 4.
На крајот, Intel го објави и Tiger Lake за деловните корисници, во рамките на две линии – vPro и Evo vPro. Двете варијанти нудат подобрена безбедност и вообичаени функции наменети за деловниот сегмент.
Споменатите Tiger Lake чипови се очекуваат на пазарот во текот на првиот квартал од оваа година, додека Alder Lake моделите ќе пристигнат во втората половина на годината.