Фановите на OnePlus со години го очекуваат паметниот часовник на компанијата, а во текот на 2021 година нивната желба конечно ќе биде исполнета. Сепак, пред да биде објавен OnePlus Watch, наводно ќе го видиме излегувањето на паметната нараквица OnePlus Band.

Сајтот Android Central сугерира дека во текот на првиот квартал на 2021. година, OnePlus ќе објави фитнес нараквица, а ќе станува збор за различен уред од претстојниот паметен часовник – алката ќе има основни функции, со фокус на фитнесот.

OnePlus Band би требало да биде ривал на серијата Xiaomi Mi Band, а веројатно ќе ја користи истата формула во ценовниот ранг под 50 долари, со OLED екран, водоотпорност и батерија која трае повеќе денови со едно полнење.

Извештајот сугерира дека е можно фитнес нараквицата да биде објавена во текот на јануари или февруари и дека најверојатно ќе дебитира на индискиот пазар.