Научниците од Универзитетот во Оксфорд најдоа начин да го намалат загадувањето предизвикано од воздушниот сообраќај. Тие успеаја да го претворат јаглерод диоксидот во гориво со нула емисии на токсични гасови. Техниката се состои од загревање на мешавина од лимонска киселина, водород и катализатор составен од железо, манган и калиум, со цел да се претвори јаглерод диоксидот во течно гориво, способно да ги придвижува млазните авиони.

Овој пристап е евтин, едноставен и користи материјали што ги има во изобилство, а значително е поевтин од претворањето на водород и вода во гориво. Горивото досега е произведено само во лабораториски услови и во минимални количини (неколку грама), но претставува голем напредок кон производството на гориво што не ја загадува природната средина.

За комерцијална употреба, треба да се направи и осмисли многу повеќе. Досега не е пронајден начин за ефикасно собирање огромни количини јаглерод диоксид. Исто така, ако сакаме вистинско гориво што не ја загадува животната средина, ќе мора да се осмисли и процес за негово производство, што би се засновал на „чиста“ енергија.

Научниците сега бараат индустриски партнери, кои ќе им овозможат масовно производство. Ако успеат во тоа, би добиле друга алтернатива што би била исклучително привлечна за авиокомпаниите. Имено, тие полека преминуваат на почисти извори на енергија, а за тоа планираат да купат електрични авиони или авиони што работат на некои други видови на гориво. Предноста на овој метод е што не би имало потреба од промена на авиони, бидејќи постојните мотори се во состојба да користат гориво базирано на СО2.