Веќе ги знаеме деталите за претстојните Galaxy Buds Pro слушалки , благодарение на протечените информации на веб-страницата на Samsung. Сепак, недостасуваше еден важен детал, а тоа е цената. Според информациите што ги донесува Twitter профилот WalkingCat, а кои ги забележа The Verge, се чини дека слушалките ќе чинат околу 199 долари – 30 долари повеќе од Galaxy Buds Live, но сепак 50 долари помалку од AirPods Pro на Apple.

Buds Pro ќе имаат активно стивнување на бучавата (ANC), јајцест облик со заоблени врвови што влегуваат во ушниот канал, прилагодена контрола на допир и препознавање на говор. Последните информации наведуваат дека внатре ќе има драјвери од 11 мм за бас и 6,5 мм за високи тонови.

Samsung ја потврди и можноста за Spatial Audio, што ја истакнува пространоста на звукот, заедно со нов Galaxy Buds виџет, како и IPX7 рејтинг на отпорност на вода. Се очекува овие слушалки да бидат лансирани со новиот претставник на Galaxy S серијата во јануари следната година.