Доколку се остварат плановите на американската вселенска агенција NASA, кучиња роботи наскоро ќе „шетаат“ по површината на Марс.
Научниците на NASA и на JPL Caltech развиваат роботи кучиња кои би требало самостојно да се движат по суровите терени на Марс и во подземните пештери. Тимот научници го претстави својот план на 14. декември.
Кучињата роботи би функционирале на ист начин како роверите Spirit, Opportunity, Curiosity и Perseverance, но тие би можеле да сторат многу повеќе. Роботите на четири нозе би биле многу поагилни и опремени со повеќе сензори, кои би собирале информации за пречките и би им овозможиле да ги изберат најдобрите патеки. Со тоа би се создале виртуелни мапи на подземни тунели и пештери на Црвената Планета.
Роботските кучиња би можеле да станат сами ако „паднат“ или ако се превртат на тежок терен на Марс, а сегашните ровери ја немаат таа можност.
Што се однесува до изгледот, тој всушност ќе биде модификација на роботот Spot, произведен од компанијата Boston Dynamics. Роботот наречен Au-Spot ќе содржи поврзани сензори и специфичен софтвер за безбедно движење низ површината на Марс.
Кучето робот во моментов е во фаза на тестирање, а фокусот е насочен кон надминување на пречките. Роботот „учи“ како да поминува низ тунели, да се качува по скали и да се движи на локации слични на површината на Марс и тунелите под него.
Кога ќе биде испратен Au-Spot на Марс сè уште не е познато. За овој проект NASA размислува од 2018 година, а тој сон сега може да стане реалност.
Роботот Spot моментно извршува неколку функции на Земјата, а една од нив е служење пиво во Шпанија.
Извор: RTV.rs
Поврзани артикли