Galaxy Note серијата секогаш беше една од најпопуларните линии на смартфони на Samsung. Меѓутоа, во текот на претходниот период во неколку наврати слушнавме дека компанијата наводно планира да го укине производството на Note линијата. Се шпекулираше дека Samsung може да ги спои Galaxy S и Note сериите со додавање на S-Pen поддршка во S моделите.

Меѓутоа, новиот извештај што се појави онлајн укажува на тоа дека Samsung нема да ја укине Galaxy Note серијата. Дополнително, компанијата планира објава на нов Note телефон во текот на 2021. година.

Како што известува Yonhap News, Samsung се подготвува да објави нов телефон во рамките на Galaxy Note серијата. Претставник на Samsung Electronics потврдил дека брендот ќе ја објави Galaxy Note серијата во текот на следната година. Тоа значи дека јужнокорејската компанија се уште не е подготвена да се откаже од популарната линија смартфони.

Интересно е и тоа што претходно извештајот на ET News спомена дека компанијата би можела да објави нов телефон од Note серијата во текот на втората половина на 2021. година. Меѓутоа, во извештајот се истакнува дека тоа би можел да биде и последниот Galaxy Note модел на јужнокорејската компанија.

Се сугерира дека Samsung планира својот фокус од Note серијата да го префрли на телефоните со флексибилен дисплеј. Исто така, се истакнува дека претстојниот Samsung Galaxy S21 Ultra ќе пристигне со S-Pen паметно пенкалце. Тоа го потврди и TM Roh – претседател на мобилната дивизија на Samsung, кој истакна дека претстојната Galaxy S21 серија ќе има поддршка за S-Pen.