Француското регулаторно тело за интернет денеска објави дека изрекло казни од 100, односно 35 милиони евра на Гугл и Амазон, за непочитување на законот за колачиња.
Националната комисија за информатика и слободи (Cnil) ги критикуваше Google.fr и Amazon.fr, особено за практиката да оставаат колачиња на компјутерот на корисниците на интернет „без претходна согласност“.
Покрај тоа, банерите со информации што се појавуваат на тие страници, за време на проверката, немале „доволно јасни информации за да може корисникот на интернет да знае за што служат овие колачиња и како може да не ги прифати“, наведува Комисијата.
Покрај казните, Комисијата „им нареди на компаниите да го сменат банерот за информации во рок од три месеци“, во спротивно, парична казна од 100.000 евра на ден по истекот на рокот.
Прекршувањата идентификувани од Комисијата „ја загрозуваат приватноста на корисниците на интернет во нивниот секојдневен дигитален живот“ затоа што „тие овозможуваат собирање на големи количини на податоци за луѓе, без нивна согласност, за потоа да можат да им понудат насочени реклами“, заклучува Комисијата.