Шведските власти признаа дека не гледаат знаци на колективен имунитет кој би го забавил ширењето на коронавирусот, со оглед на тоа што во земјата расте бројот на нови инфекции.
Нордиската земја, чиј пристап во справувањето со пандемијата го привлече вниманието на целиот свет, од петокот регистрираше 17,265 нови случаи, соопштија здравствените власти.
Во истиот период минатата седмица Шведска пријави 15,084 нови случаи, при што бројот на приеми во болниците речиси двојно се зголеми. Андерс Тегнел, архитектот на шведската стратегија без „локдаун“, претходно тврдеше дека Шведска подобро ќе помине од останатите земји за време на вториот бран затоа што во текот на првиот бил изграден колективен имунитет.
„Прашањето околу имунитетот сега е тешко. Моментално не гледаме знаци на колективен имунитет кои би го забавиле вториот бран“, изјави Тегнел.
За разлика од Тегнел, шведскиот премиер Стефан Лофвен во последните неколку седмици зазеде поинаков став. Тој наметна ограничување на продажбата на алкохол, домашни посети и јавни собири, а порача дека ограничување на патувањата би можело да биде следната мерка.
Рестрикциите во Шведска и натаму се релативно „опуштени“ во споредба со другите европски земји, но се значаен пресврт во претходната политика која претпоставуваше дека луѓето доброволно ќе одлучат да останат дома и да одржуваат дистанца.
Шведска извести за рекорден број на новозаразени со коронавирус овој месец, докажувајќи дека земјата сепак не успеа да го избегне вториот бран на заразата кој погоди поголем дел од Европа.
Извор: Kurir.rs