Британско-американски тим на научници тврди дека го открил виновникот кој стои зад згрутчувањето на крвта кај некои лица имунизирани со вакцината против COVID-19 на AstraZeneca.

Истражувачите откриле дека протеинот поврзан со тромбозата „е способен да формира стабилни комплекси со клиничките релевантни аденовируси“. Имунолошкиот систем може да ги помеша крвните протеини (тромбоцитен фактор 4) со вирусот и да пушти антитела кои ќе го нападнат. Антителата и тромбоцитниот фактор 4 потоа се групираат заедно предизвикувајќи згрутчување на крвта.

Студијата беше објавена во списанието Science Advances во средата. Според авторите, одговорите претставуваат „важен чекор кон разобличување на механизмот“ кој во основа ја има тромбозата со синдром на тромбоцитопенија која понекогаш се развива по примање на вакцина базирана на аденовирус.

Истражувачите потенцираат и дека случаите со згрутчување на крв се страшно ретки бидејќи многу комплицирани фактори мора да коиндицираат за тоа да се случи.

И научници од AstraZeneca учествувале во истражувањето, но се приклучиле подоцна.

„Иако истражувањето не е конечно, нуди интересен поглед и AstraZeneca сега бара начин да го искористи ова откритие со цел да се отстрани овој екстремно редок несакан ефект“, изјави за BBC портпаролот на британско-шведската фармацевтска компанија.

Според бројките објавени од британските власти, пријавени случаи на згрутчување на крв има 14,9 на милион дози од вакцината.

Ретките, но серизони несакани ефекти направија одредени држави да ја прекинат употребата на вакцината на AstraZeneca, која потоа официјално беше преименувана како Vaxzevria. Нејзината употреба потоа беше вратена во погон, но со одредени рестрикции во врска со возраста на лицата кои можат да ја примат.