Замислете свет во кој се движите во свој личен меур – ја слушате омилената музика, играте гласни компјутерски игри, гледате филм или добивате упатства за навигација во автомобилот без да ги вознемирувате оние кои се околу вас затоа што тие воопшто и не го слушаат тоа.
Ова е можноста која ја носи т.н. „sound beaming“ (звук што зрачи), нова, футуристичка аудио технологија на израелската компанија Noveto Systems.
Оваа компанија денеска ќе претстави десктоп уред кој емитува звук директно кон слушателот без потреба од слушалки. Компанијата на агенцијата AP ѝ дала ексклузивен демо декстоп прототип од уредот SoundBeamer 1.0 пред неговото претставување.
Чувството на слушање е како од научно-фантастичен филм. Тридимензионалниот звук е толку близок, што ви се чини како да е во вашите уши, додека е пред, над и зад нив.
Noveto Systems очекува уредот да има многу практични употреби – од овозможување на канцелариските работници да слушаат музика или конференциски повици без да ги вознемируваат другите, до овозможување некому да игра игра, да гледа филм или да слуша музика без нарушување на околината.
Немањето слушалки значи дека е можно јасно да се слушнат други звуци во просторијата.
Оваа технологија користи 3D сензорски модул, ја локализира и следи положбата на увото, испраќајќи звук по пат на ултразвучни бранови за да создаде „џебови на звук“ веднаш до ушите на корисникот. Звукот може да се слушне во стерео или опкружувачки 3D режим што создава звук во просторот од 360 степени околу слушателот, наведува компанијата.
Иако концептот на „звук што зрачи“ не е нов, Noveto Systems прв ја лансираше технологијата за тоа, а неговиот десктоп SoundBeamer 1.0 ќе биде првиот брендиран потрошувачки производ.
Помалата, попогодна верзија на овој прототип ќе биде спремна за појавување на пазарот за Божиќ 2021 година.
Извор: B92.net