Дали децата се значаен извор на ширење на заразата со коронавирус? Десет месеци по почетокот на пандемијата, експертите сè уште се поделени за ова прашање, што им отежнува на владите да одлучат дали ќе ги затворат или не училиштата.

За време на првиот бран на пандемијата, беше формиран научен консензус дека децата би можеле да бидат важен вектор во ширењето на новиот коронавирус, како што е случај со вирусот на грипот. Сепак, од летото наваму преовладува друга теорија, при што неколку студии сугерираат дека децата, особено помалите, не се толку заразни.

„Научната литература не го разјасни тоа“, вели епидемиологот Доминик Костаглиола од Париз.

Овие евидентнно контрадикторни резултати не им ги олеснија работите на оние што одлучуваат за рамнотежата на здравјето на своите граѓани и својата економија.

„Факт е дека многубројни студии покажаа дека децата, кои ретко покажуваат симптоми на коронавирусот, не се многу заразни за другите членови на семејството, но ова беше во време кога училиштата беа затворени и ширењето на вирусот забавуваше“, вели епидемиологот Зои Хајд, професор на Универзитетот во Западна Австралија.

„Повеќето студии за односот Ковид-19 – дете се спроведени за време на карантин или во време на низок пренос на вирусот во заедницата“, напиша Хајд во Медицинскиот журнал во Австралија. Но, некои неодамнешни студии од САД, Индија и од Јужна Кореја ја доведоа во прашање претпоставката.

Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) ги објавија резултатите од студијата спроведена на 300 лица, во која се заклучило дека преносот на коронавирусот е чест кај членовите на домаќинството, без разлика дали се возрасни или деца.

Многу пообемно британско истражување објавено минатата недела покажува поинаква слика.

„Живеењето со деца под 11 години не е поврзано со зголемен ризик од зараза со коронавирус, развој на Ковид-19 или хоспитализација“, се вели во студијата на Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина и Универзитетот во Оксфорд, засновано на податоци собрани од повеќе од девет милиони возрасни лица.

Децата на возраст од 12 до 18 години претставуваат одреден ризик, но мал, заклучи студијата.

„Децата може да го пренесат вирусот на други“, рече епидемиологот на СЗО, Марија ван Керхове, но се чини дека тоа се случува поретко отколку кај возрасните.

Помалите деца го пренесуваат вирусот едни на други поретко отколку нивните тинејџерски врсници бидејќи нивната стапка на зараза е приближно иста како и кај возрасните.

„Кога имаат симптоми, децата испуштаат слични количини вирус како возрасните и може да заразат други како што прават возрасните“, објави во август Европскиот центар за превенција и контрола на болестите. „Но, не е познато каква е состојбата со заразените асимптоматски деца“.

Ако можноста за пренесување на коронавирусот кај децата е сомнителна, несомнено е дека тие се, генерално, или асимптоматски или имаат поблаги форми на болеста во споредба со возрасните. Важноста на оваа научна расправа е поттикната и од прашањето дали училиштата треба да останат отворени.

Ризикот не е нула

Повеќето училишта во многу земји беа затворени за време на пролетниот карантин, што го загрози образованието на децата и изврши голем притисок врз родителите.

„Секој разбира колку се важни училиштата за децата не само за образованието туку и за нивното ментално здравје и безбедност“, рече Ван Керхове.

Многу земји, вклучително и Франција, Велика Британија, Ирска и Австрија, повторно воведоа национален карантин, целосен или делумен, за да се запре вториот бран на вирусот, но овој пат ги оставија училиштата отворени.

„Ризикот поврзан со училиштата не е нула и никој не го тврди тоа“, рече францускиот службеник за здравство Даниел Леви-Брул додавајќи дека изолираните случаи сепак треба да се набљудуваат.

„Голем број училишта се отворени во целиот свет и во најголем дел нема проблеми“, вели тој.