Сте направиле тест, сте добиле негативен резултат и сега сте уверени дека немате коронавирус? Се лажете. Многумина ги збунува токму ова, а објаснувањето е прилично едноставно.
Пред сè, потребно е да поминат неколку денови од заразувањето за евентуална инфекција да се покаже на тестот.
„Знаеме дека инкубацискиот период за Ковид може да трае и до 14 дена. Пред тоа, дури и ако сте инфицирани, може да бидете негативни на тестот, бидејќи работите често така се одвиваат во раните фази на инфекцијата“, вели д-р Лијана Вен за „CNN“. Меѓутоа, таа додава дека тоа што сте негативни не мора да значи дека не сте заразени и дека не го пренесувате вирусот и понатаму.
Тоа е најверојатното сценарио, бидејќи уште не поминало доволно време од инкубацијата. Студијата објавена во магазинот „Annals of Internal Medicine“ се занимавала токму со лажно негативните тестови. Според нивното истражување, во текот на четирите дена од почетната инфекција, пред да се појават симптомите, речиси е сигурно дека тестот ќе биде негативен. На денот кога симптомите ќе почнат да се појавуваат, веројатноста дека тестот ќе биде негативен е околу 38 отсто. Три дена од почетокот на симптомите, нивото на веројатност дека тестот ќе биде лажно негативен паѓа на 20%.
„На вирусот му треба време да се размножи во телото доволно за да може тестот да го детектира“, објаснува Џастин Леслер, еден од авторите на студијата и професор по епидемиологија на Факултет за јавно здравје.
„Луѓето некако претпоставуваат дека ако сте негативни, дека тоа е тоа. Меѓутоа, малку е посложено“, вели д-р Рошел Велеснки, шефица на одделението за инфективни болести во болница во Масачусетс.
Може да трае и до две недели по инкубацијата, но во просек е пет дена.
„Воглавно се смета дека сте најинфективни два дена пред појавата на симптомите и два дена по појавата на симптомите“, рекла таа, а коронавирусот се шири толку лесно токму поради фактот што се шири дури и кога немаме никакви симптоми.