Научници од Универзитетот Оксфорд откриле ген кој двојно го зголемува ризикот од откажување на белите дробови и смрт од Ковид-19.

Имено, тие тврдат дека 60 отсто од луѓето со потекло од Јужна Азија и 15 отсто од луѓето со европско потекло имаат верзија од тој ген кој е со висок ризик.

„Вакцините се клучни и помагаат значајно во намалувањето на таквите ризици“, тврдат истражувачите, пренесува „BBC“.

Студијата која е објавена во научното списание „Nature Genetics“ делумно открива зошто некои заедници во Велика Британија и Јужна Азија се изложени на поголем ризик од Ковид-19, но тоа не е објаснето во целост.

Надоврзувајќи се на претходни генетски истражувања, истражувачите користеле комбинација од вештачка интелигенција и нова молекуларна технологија за прецизно да го одредат генот наречен LZTFL1 – oдговорен за зголемениот ризик.

Тие проценуваат дека верзијата од различни гени е присутна кај околу 2,0 отсто од луѓето со африканско-карипско потекло и 1,8 отсто кај луѓето со источноазиско потекло.

Водечкиот истражувач Џејмс Дејвис изјавил дека комплексната комбинација на фактори, вклучувајќи ја и староста, придонесуваат за индивидуалниот ризик кај секој човек и дека „социјално-економските фактори исто така веројатно ќе бидат важни во објаснувањето зошто некои од заедниците се особено тешко погодени од пандемијата“.

„Иако не можеме да ја промениме нашата генетика, нашите резултати покажуваат дека луѓето со ризичниот геном веројатно имаат корист од вакцината“, порачал Дејвис.

Извор: Rtv.rs