Има се повеќе научници кои тврдат дека космосот би можел да овозможи милијарда пати поголемо индустриско производство од тоа што го имаме на Земјата. Иако ова и слични тврдења звучат како научна фантастика, човештвото повеќе од било кога претходно е поблиску до преместување на тешката индустрија во вселената. Истото важи и за рударење на скапоцени материјали, а NASA пред некое време го открила астероидот 16 Psyche, небесно тело составено од метали.

Собирањето на ресурси од други планети и небесни тела како астероиди, би можело да го ублажи товарот кој секој човек го ставил на грбот на матичната планета и да обезбеди опстанок на човештвото. Ресурси на Земјата има се помалку, а човековата популација е се поголема, па се повеќе компании се обидуваат да станат пионери во вселенското рударство. Една од нив е Planetary Resources Inc, која претходно собрала десетина милиони долари за развој на технологија која е потребна за собирање на ресурси од астероиди. На крајот сепак немало доволно пари, па првата мисија била одложена на неопределено време.

Милијардерот Џеф Безос исто така се занимава со проект од овој тип, и тврди дека човекот ќе ја спаси Земјата само ако ги префрли своите активности во вселената. Со неговото тврдење се согласуваат и експерти од NASA, па тоа е една од причините поради кои NASA вложила милиони долари во концепти кои би требало да ја развијат технологијата за рударање на други небесни тела. Решението сепак не се крие само во физичките ресурси од други светови, со оглед на тоа дека станиците за собирање на сончева енергија, кои би се поставувале на различни точки во рамките на Соларниот систем, на Земјата би можеле да праќаат неограничени количини на соларна енергија. Кина, на пример, веќе работи на развивање на вакви системи, а се претпоставува дека во иднина ќе и се приклучат и други земји.

Hubble Space телескопот на NASA неодамна открил уште еден астероид кој би можел да го привлече вниманието на вселенските рудари. Станува збор за 16 Psyche, кој се наоѓа во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер. Се наоѓа на околу 370 милиони километри од Земјата и има дијаметар од 226 километри. Тоа што го издвојува од другите астероиди, кои во главно се составени од карпи и мраз, е тоа што речиси целосно се состои од метали. Станува збор за железо и никл, а експертите проценуваат дека на него има руда чија вредност е 10.000 пати поголема од целокупните светски приходи забележани во 2019. година. Според податоците кои се собрани благодарние на телескопот Hubble, се проценува дека површината на астероидот се состои само од железо.

Овој астероид е предмет на NASA Discovery Mission Psyche, која на пат кон астероидот би требало да тргне во 2022. година со помош на SpaceX Falcon Heavy ракетата. Се претпоставува дека астероидот е изгасено јадро на некоја планета која се распаднала уште во текот на формирањето.

Покрај оние кои ги поддржуваат ваквите проекти, има и такви кои тврдат дека целиот Соларен систем треба да се заштити од човековите активности. Така минатата година е отворена петиција која бара 85 проценти од Соларниот систем да се заштити од човештвото, за по 100 години да не се соочиме со многу поголема криза од оваа која сега ја имаме на Земјата.

Извор: PC Press.rs