Познатиот германски виролог, Кристијан Дростен смета дека „мини-блокадата“ е единственото решение за справување со ширењето на коронавирусот.

Според Дростен, блокада од три седмици би им помогнала на земјите да се справат со ширењето, посебно во случај на преоптоварување на здравствениот систем.

„Со вирусот нема преговарање. Овој вирус едноставно наметнува блокада кога ќе дојде до одреден број на заболени. Ако стапнеме сега на сопирачката ќе имаме долгорочен ефект. Тоа би ни заштедило многу време“, изјави Дростен.

„Сите однапред знаат дека оваа блокада би била временски ограничена. Би траела три седмици, што е малку повеќе од задолжителниот карантин. Во тој случај уште повеќе би се намалила инциденцата и би имале долгорочен ефект“, објаснува Дростен, кој е уверен дека такво нешто би било добитна комбинација.

Според него, мини-блокадите веќе постојат во одредени делови на Велика Британија и смислени се да спречат да дојде до колапс на здравствениот систем. Истовремено, таквиот начин на блокада не би ја загрозил многу економијата.

Германскиот виролог советуваше да се прават брзи тестирања во групи. Тој објаснува дека, на пример ако некој е инфициран во колективот, сите во канцеларијата треба да направат тест.

„На тој начин за 15 минути би знаеле дали имаме кластер или не. Тогаш ја изолираме целата група“, изјави Дростен.

Извор: Srbija Danas