Во Финска имаше пет пати повеќе заразенi со коронавирусот отколку што покажаа официјалните податоци во првиот бран на пандемијата од март до мај, објави во четвртокот Институтот за јавно здравје на оваа земја.

Официјалната статистика се заснова на дијагностички тестови на примероци од нос или грло на лице со симптоми, додека тестови за антитела се вршат на примероци од крв за да се утврди кој е заразен.

Приближно имаше од 1,5 до пет пати повеќе инфекции во споредба со потврдените клинички случаи, соопшти финскиот институт.

„Големата разлика во бројките воглавно се објаснува со недоволното тестирање во првиот бран на пандемијата“, рече шефот на институтот, Мика Салминен.

Институтот во април почна со тестирање на антитела во финските болници, за да се утврдат вистинските размери на пандемијата, вклучувајќи ги и оние кои биле заразени, но без симптоми.

Салминен вели дека резултатите покажале и дека имало помалку млади заразени во првиот бран отколку во сегашниот период

Институтот ги анализираше и компаративните резултати од тестовите на антитела од други земји и заклучи дека бројките во Шпанија биле многу поголеми.

Во екот на пролетната епидемија, значително поголем број случаи, дури до десет пати, поминале незабележани во Шпанија, дополни Салминен.