На Twitter се појави снимка на тестот на системот за автоматско сопирање на Tesla Model 3, која ја направија Кинезите и на која Tesla спектакуларно потфрли.

Автомобилите на Tesla имаат најнапреден систем на автономно возење, а истовремено тоа е и еден од најконтроверзните системи во автомобилската индустрија во денешно време. Во прилог на тоа оди и најновото видео објавено на Twiiter, во кое Кинезите го тестираат овој систем на вештачките пешаци.

Поставките се едноставни, а „тројката“ на Tesla се движи рамно со помала брзина, а вештачкиот пешак поставен на лизгачки механизам во клучниот момент излегува пред автомобилот, кој барем во теорија, би требало да ја препознае опасноста на улицата и да запре.

Но, во тестот прикажан на видеото, Tesla не запира, а несреќниот „пешак“ во налетот останува без нога и без уште некој дел од анатомијата. Автомобилот на крај го сопира самиот возач.

Во коментарите на Twitter, корисниците се шегуваат дека автопилотот на Tesla можеби е толку напреден што сфаќа дека во прашање е само кукла, па нема потреба да запира.

Меѓутоа, тоа не е единственото видео од овој вид што доаѓа од Кина, и во второто Tesla еднакво ефикасно го покосува пешакот.

Всушност, Кинезите тврдат дека моделите на Tesla оствариле најлоши резултати на тестирањето на автоматскиот систем на сопирање.

Tesla, се чини, има слепа точка во својот систем, бидејќи веќе стана честа појава нивните возила да налетуваат на стационарни објекти (како паркирани полициски возила или превртени камиони).

Од Tesla константно нагласуваат дека во текот на возењето со автопилот, возачот мора да биде зад управувачот и да внимава на патот.