Кучињата можат да го намирисаат коронавирусот денови пред да се појават првите симптоми на болеста.

На главниот меѓународен аеродром во Финска се распоредени кучиња кои со душкање откриваат коронавирус. Четиримесечниот експеримент со алтернативен метод за тестирање може да стане прифатлив и брз начин за идентификување на заразените патници.

Четири кучиња од различни раси обучени од Финското здружение за откривање мирис започнаа со работа на аеродромот во Хелсинки, како дел од експериментот финансиран од владата.

Кучињата се распоредени на аеродромот во смени, а по две дежураат истовремено, додека останатите две одмораат.

„Тоа е многу ветувачки метод. Кучињата душкаат многу добро”, рече Ана Хиелм-Бјоркман, професорка по медицина за мали животни на Универзитетот во Хелсинки.

„Ако успее, тоа ќе биде добар метод за проверка (коронавирус) на кое било друго место“, рече таа, наведувајќи болници, пристаништа, домови за стари лица, спортски места и културни настани меѓу можните места каде што обучени кучиња можат да „започнат“ да работат.