Џеф Безос, најбогатиот човек во светот, пред неколку дена беше во вселената на десетина минути.

Педесет и седумгодишниот милијардер полета на работ на вселената девет дена по летот на Британецот, Ричард Бренсон, кој тоа го направи со ракетниот авион на неговата компанија Virgin Galactic.

– Моите очекувања беа големи, но се драстично надминати. Најдобар момент ми беше погледот кон Земјата и нејзината атмосфера. Секој астронаут, секој што бил во вселената вели дека тоа ги менува луѓето. Воодушевени и вчудноевидени сме од Земјата и нејзината убавина Но, исто така и од својата кревкост – им рече Безос на собраните во Тексас по слетувањето.

Потоа тој го изнесе својот став за тоа како вселенските истражувања можат да бидат клучни за идните генерации.

– Големите работи се покренати од мали. Ова е важно бидејќи градиме патека кон вселената за нашите деца и нивните деца да можат да ја градат иднината и треба да го правиме тоа. Треба да го правиме тоа и за да ги надминеме проблемите тука на Земјата. Поентата е дека ова е единствената добра планета во Сончевиот систем. Пратени се роботски сонди на сите останати планети, но оваа е единствената добра за нас, во тоа ве уверувам. Мораме добро да се грижиме за неа – додаде тој.

Безос потоа му се заблагодари на неговиот тим во Amazon и на сите клиенти на Amazon што му помогнале да го финансира патувањето во вселената.

– Сакам да се заблагодарам на секој вработен во „Амазон“ и секој клиент на Amazon затоа што плативте за ова. Сериозно, благодарам од срце на секој клиент и вработен во Amazon. Го ценам тоа – заклучи Безос.