Втората генерација на флексибилниот уред на Samsung претставува огромна надградба во однос на првиот Fold.
Samsung на неодамнешниот виртуелен Unpacked настан, освен очекуваните смартфони од Galaxy Note20 серијата и уште неколку други интересни уреди (Galaxy Tab S7 и S7+, Galaxy Buds Live, Galaxy Watch3) подготви и едно пријатно изненадување. Компанијата накратко го претстави Galaxy Z Fold2 – втора генерација на флексибилниот уред Galaxy Fold, кој веќе на прв поглед изгледа како огромна надградба во однос на првиот Fold.
По претставувањето на два различни преклопни уреди и собирањето на впечатоците од корисниците, Samsung го дизајнираше Galaxy Z Fold2. Овој иновативен телефон доаѓа со два Infinity-O екрани, скоро без рабови, со димензии 6,2 и 7,6 инчи, кои се значително поголеми од претходниот Galaxy Fold модел.
Samsung не откри многу детали и најави дека многу повеќе работи за уредот ќе открие во септември. Сепак, знаеме неколку клучни работи, а можеби најважаната е новиот дизајн. 4,6-инчниот надворешен екран на претходниот модел, кај новиот модел е драстично зголемен и подобрен. Сега на надворешната страна се наоѓа значително попространиот 6,2-инчен дисплеј, поради што уредот изгледа многу поатрактивно. Во средина (при врвот) на екранот се наоѓа и мал отвор, во кој е сместена предната камера. Кога Galaxy Z Fold2 е преклопен, тој претставува врвен паметен телефон со 6,2-инчен екран и е удобен за држење со една рака.
Не e зголемен само надворешниот екран. Првиот Galaxy Fold имаше внатрешен флексибилен екран со дијагонала од 7,3-инчи, додека новиот модел ја зголеми оваа бројка на 7,6-инчи. Го нема дури ни засекот кој се наоѓаше во горниот десен агол. Samsung наведе и дека можеме да очекуваме големи подобрувања и кај камерите и дека внатрешниот екран ќе биде прекриен со подобрено ултра тенко стакло за непречена флексибилност.
Скриена зад логото на Samsung на задниот дел се наоѓа врвната шарка, која е дизајнирана да овозможи непречено преклопување и отворање. Ова е моментно најнапредниот механизам во технологијата на преклопување.
Со микс на врвна прецизна технологија и несекојдневен дизајн, Galaxy Z Fold2 е достапен во мистична црна и мистична бронзена боја. Добро е да се нагласи и фактот што мноштво од опциите кои ги нуди уредот поттикнуваат партнерство со компаниите Google и Microsoft.
Сите детали за овој нов врвен смартфон од семејството Galaxy, можете да ги дознаете на официјалниот Samsung линк:
Поврзани артикли