Познато е дека вештачката електронска кожа веќе реагира на допир, но не се покажа совршена во откривањето на испакнатини и изгореници што предизвикуваат болка, што е посебен проблем во протетиката. Сепак, новата совршена вештачка кожа – изгледа ветувачки.

Истражувачите од универзитетот РМИТ во Австралија развија вештачка кожа за која тврдат дека реагира на болка на ист начин како и човечката.

Новиот вид вештачка кожа испраќа скоро истовремен одговор, односно сигнал до рецепторите, во случај на посилен притисок врз неа или, на пример, во случај на зголемување на температурата што би предизвикало болка кај луѓето.

Прототипот на оваа чувствителна кожа е изработен од растеглива и многу тенка електроника со слоеви кои се чувствителни на притисок и температура, заедно со слој на мемориски клетки кои имаат функција како мозочните.

Според научниците, технологијата што се применува на овој начин лесно може да разликува нежен допир од удар.

Дизајнот на најсовремена вештачка кожа имитира неврони, нивните сигнални патишта и рецептори кои се клучни за човечките сетила.

Најновиот пронајдок сè уште не е во практична примена, но јасно е дека ќе биде корисно во многу сфери од животот.

На пример, протетичката рака или нога може подобро да ги репродуцира чувствата и на тој начин да ги заштити луѓето од потенцијални опасности.