Здравствените власти на САД побарале од сојузните држави да се подготват за масовна дистрибуција на идната вакцина против коронавирус до почетокот на ноември, пред претседателските избори, објави агенцијата „Франс Прес“, повикувајќи се на писмо испратено до гувернерите на сите сојузни држави.
Американскиот институт за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) бара државите да направат сè со цел центрите за дистрибуција на вакцината да бидат целосно оперативни до 1 ноември.
Директорот на ЦДЦ, Роберт Редфилд, во писмото споменува укинување на административните ограничувања, издавање на дозволи и лиценци.
Ова е уште еден знак дека трката за пронаоѓање вакцина е во полн ек во САД.
„Здравствените власти забрзано се подготвуваат за масовна дистрибуција на вакцината против Ковид-19 оваа есен“, се вели во писмото на Редфилд.
Претседателот Доналд Трамп, кандидат за втор мандат на изборите на 3 ноември, минатата недела рече дека САД ќе ја направат вакцината оваа година.
Иако неколку вакцини се во фаза на клиничко испитување, неизвесно е дали некоја ќе биде ефективна и безбедна, но властите веќе се подготвуваат за евентуална дистрибуција за да заштедат драгоцено време.
Поврзани артикли