Apple во септември минатата година ја претстави новата iPhone 11 линија паметни телефони, која вклучува три модели, iPhone 11, iPhone 11 Pro и iPhone 11 Max. Иако би можело да се помисли дека купувачите најчесто ги избирале поскапите Pro и Pro Max модели, податоците на компанијата Omdia говорат поинаку – во првата половина на 2020. година најчесто се барал и купувал основниот модел – iPhone 11.

Omdia во своите податоци наведува дека iPhone ја оставил конкуренцијата далеку зад себе. Помеѓу првото и второто место на листата на најпродавани смартфони во текот на првата половина од 2020. година се наоѓа празен простор, во кој се наоѓаат 26,3 милиони телефони.  Имено, Apple во текот на првата половина од годината испорачал 37,7 милиони iPhone 11 модели, а второпласираниот Samsung – 11,4 милиони Galaxy A51 телефони.

Второто место на листата за „влакно“ му избега на Xiaomi, кој во текот на наведениот период испорачал 11 милиони телефони (Redmi Note 8). Поради 400.000 помалку испорачани смартфони во однос на Samsung, Xiaomi мораше да се задоволи со третата позиција.

Ако годинашните податоци се споредат со минатогодишните, се забележува и дека во текот на првите шест месеци од 2019. најдобро се продавал основниот модел на iPhone – iPhone XR. Но, исто така може да се забележи дека бројот на испорачани Android уреди оваа година е во опаѓање. Секој од Android производителите, независно од тоа дали се работи за Samsung, Xiaomi или Oppo, оваа година испорачал помал број на уреди.