Помеѓу јануари и јули 2020 година, во Европа се регистрирани околу 500.000 новорегистрирани електрифицирани автомобили, според податоците објавени од Матијас Шмит, независен автомобилски аналитичар од Берлин. Оваа категорија на возила вклучува автомобили со чисто електричен погон, како и plug-in хибриди (PHEV).
Истиот извор наведува дека на Стариот континент во истиот период биле продадени вкупно 269.000 целосно електрични возила, како и 231.000 PHEV автомобили.
Се верува дека една од причините зошто Европа ја помина Кина во претходниот период од годината е зголемувањето на државните субвенции во некои земји, додека во истиот период во Кина се намалија можностите за набавка на електрифицирани автомобили.
Проценката на Матијас Шмит е дека во 2020 година продажбата на EV и PHEV автомобили во Европа ќе надмине 1 милион.
Кон ова треба да придонесе најавениот раст на продажбата на Tesla, како и зголемувањето на бројот на испораки на електричниот Volkswagen ID.3, за кој се очекува да стане најпродаваниот електричен автомобил во Европа во блиска иднина.