Њујорк ја отстрани последната јавна телефонска говорница оваа недела, отстранувајќи така реликвија од некое аналогно време

Во понеделникот, општинските власти на градот Њујорк ја отстранија последната јавна телефонска говорница во сопственост на градот, која се наоѓа во областа Мидтаун. Њујорк почна да ги отстранува своите телефонски говорници во 2015 година, а официјалните лица како причина ја наведоа потребата од дигитални иновации.

„Како роден во Њујорк, збогувањето со последната улична телефонска говорница е горко-слатко искуство поради истакнатото место што го заземаат со децении во физичкиот пејзаж на градот“, рече Метју Фрејзер, комесар за технологија и иновации во Њујорк.

„Исто како што се префрливме од коњ на автомобил и од автомобил до авион, дигиталната еволуција напредуваше од телефонски говорници до брзи киосци за Wi-Fi за да ги задоволи потребите на нашите секојдневни комуникации кои брзо се менуваат“, додаде тој.

Со повеќе од 6.000 јавни телефонски говорници некогаш активни низ Њујорк, јавните телефони се заменети со штандови на LinkNYC, односно киосци кои обезбедуваат WiFi, станица за полнење на мобилни уреди и бесплатни локални телефонски повици до сите корисници.

Штандовите на LinkNYC функционираат и како дигитални билборди за реклами, уметнички изложби и огласи за јавни услуги.

Неколку приватни говорници останаа во Њујорк, иако градските власти не се сигурни дали тие се функционални.

Последната јавна говорница нема да заврши на депонија. Наместо тоа, ќе оди во Музејот на градот Њујорк, објави Gothamist, за да биде дел од изложбата за тоа каков бил Њујорк пред појавата на компјутерите.