Microsoft е во преговори да ја купи кинеската апликација TikTok, пренесува Reuters, повикувајќи се на извор запознаен со оваа материја.
Информациите доаѓаат во време кога Соединетите држави започнаа да се обидуваат да ја забранат употребата на платформата во земјата заради наводни безбедносни проблеми.
Купувањето на популарната апликација за споделување видео содржини ќе внесе нова енергија во рекламниот бизнис на американскиот гигант. Microsoft генерира најголем дел од своите 143 милијарди американски долари годишни приходи од лиценцирање на софтвер, како Windows и Office, како и облачни алатки на платформата Azure, додека рекламирањето останува послабо.
Компанијата за истражување на пазарот за рекламирање eMarketer проценува дека приходот од рекламирање на LinkedIn, кој е во сопственост на Microsoft, е околу 2 милијарди долари годишно во Соединетите држави. Матичната компанија соопшти дека продажбата на реклами на деловната платформа годинава опаднала поради пандемијата на коронавирусот.
Сепак, социјалните мрежи како Facebook и YouTube известуваат за раст на продажбата за време на вонредната состојба. Причината е што потрошувачите поминуваат повеќе време дома, забавувајќи се на Интернет и особено гледаат видеа, а рекламните огласи одлучуваат да ги следат на овие канали.
Поврзани артикли