Едно од вселенските летала кое најмногу се оддалечи од Земјата откри постојан шум надвор од Сончевиот систем, покажа новата студија.

Voyager 1 на NASA е лансиран на 5 септември 1977 година од Кејп Канаверал на Флорида на ракетата Титан-Центаур само неколку недели по сестринското летало Voyager 2. Иако се дизајнирани да траат пет години, повеќе од 43 години откако се лансирани, леталата се уште праќаат податоци додека го истражуваат меѓуѕвездениот простор, пишува CNN.

Инструментите на бродот Voyager 1, кој ја премина границата на Сончевиот систем, потоа влезе во меѓуѕвездениот простор познат како хелиопауза, откри звуци од брановите плазма, покажа истражувањето објавено во понеделникот во магазинот Nature Astronomy. Научниците од Универзитетот „Корнел“ ги проучуваа податоците од леталото оддалечено 14 милијарди милји од Земјата и открија емисии на меѓуѕвездени гасови.

„Звукот е многу слаб, затоа што е во теснофреквентен појас. Забележуваме слаб и траен шум на меѓуѕвездени гасови“, рече Стела Кох Окер, докторанд на Универзитетот.

Voyager 1 помина покрај Јупитер во 1979 година, потоа покрај Сатурн во 1980 година, пред во август 2012 година да навлезе во хелиопаузата. По влегувањето во меѓуѕвездениот простор „Војаџер 1“ откри осцилации во гасот кој го емитира нашето Сонце. Но, истражувачите, исто така, забележаа дека меѓу тие ерупции постои стабилен и постојан образец.

„Меѓуѕвездениот медиум е како тивок или нежен дожд. Кога ќе се случат Сончеви ерупции, тоа е како да забележите молња во силно невреме и потоа сè се враќа на благ дожд“, вели Џејмс Кордес, професор по астрономија на „Корнел“ и главен автор на студијата.

Истражувачите сметаат дека во меѓуѕвездениот гас постојат повеќе активности на ниско ниво отколку што претходно се верувало. Тоа ќе им овозможи на истражувачите да ја следат просторната распределба на плазмата. Податоците од Voyager 1, исто така, може да им помогнат на научниците да ја сфатат интеракцијата меѓу меѓуѕвездениот медиум и соларниот ветар, постојаните струења на набиени честички кои ги емитира Сонцето.

„Никогаш порано сме немале прилика да ја процениме таа струја. Сега знаеме дека не нѝ е потребен случан настан поврзан со Сонцето за мерење на меѓуѕвездената плазма. Без оглед на тоа што работи Сонцето, Voyager праќа детали“, додава научникот учесник во истражувањето Шами Шатерџи.

Voyager 1 е најоддалечениот објект во вселената, створен од човекот, и продолжува да функционира, покрај староста и оддалеченоста.

„Научно, тоа истражување е поприличен подвиг. Тоа е потврда на неверојатната издржливост на вселенското летало Voyager. Тоа е долготраен инженерски дар на науката“, заклучува Икер за CNN.