Електричните автомобили произведени во Кина ќе доминираат на глобалниот пазар, предвидува  американското бизнис-списание „Форбс“,  наведувајќи дека Кина држи чекор со западниот свет кога станува збор за производството на ваков вид возила, па дури во некои сегменти и го надмина.

Во најбројната земја во светот во 2019 година имало 2,58 милиони електрични автомобили, во Европа 970.000 и 880.000 во САД, наведува Меѓународната агенција за енергија.

Покрај тоа, Кина има најголем број станици за полнење на батериите на возилата во однос на остатокот од планетата, а тој број се зголемува и претставува 82 отсто  од вкупното зголемување на бројот на вакви станици во светот.

Во оваа земја се  произведуваат електрични автомобили со врвен кавлитет и тие станаа многу конкурентни на пазарот, што може да се потврди од примерот на моделот „Xpeng P7“, што е сличен на „Моделот 3“ на „Тесла“.

Моделот „P7“ од нула до сто километри на час забрзува за само 4,7 секунди и има многу атрактивен дизајн, а неговата цена е 36.000 долари.

Ова не е единствениот кинески електричен автомобил што е конкурентен со оние од остатокот на светот, бидејќи има и други модели кои се натпреваруваат во другите автомобилски сегменти.

Пониската цена, поквалитетниот и попривлечен дизајн не се единствените предности на кинеските автомобили, но има и други фактори што ги прават се поконкурентни, а еден од нив е фактот дека Кина е најголем производител на литиум во светот – ресурс потребен за производство на батериите.