Израел лансира нов шпионски сателит во орбитата, соопшти Министерството за одбрана.
„Министерството за одбрана и Израелската вселенска индустрија (ИАИ) успешно го лансираа извидувачкиот сателит ‘Офек 16’ во вселената“, се вели во соопштението.
Сателитот почна да орбитира околу Земјата и ги пренесува податоците според плановите за лансирање, се вели во соопштението додавајќи дека инженерите спровеле тестови пред сателитот да стане целосно оперативен.
Сателитската мрежа на Израел го следи целиот Блиски Исток, вклучително и Иран.
Иран во април стана една од 13-те земји што успешно лансираа сателити во вселената. Исламската Република тогаш успешно го лансира сателитот по неколкугодишни неуспешни обиди.
„Технолошката супериорност и разузнавачките способности се клучни за безбедноста на Израел“, рече секретарот за одбрана, Бени Ганц.
Министерот за надворешни работи, Габриел Ашкенази, на прашањето за серија необјаснети експлозии во иранска нуклеарна централа, рече дека Израел презема чекори за да се запре иранската нуклеарна закана.
„Имаме долготрајна политика спроведена преку голем број влади да не дозволуваме развој на иранските нуклеарни способности“, рече Ашкенази.
Според него, Израел презема активности за кои е подобро да не се зборува.
Инцидент се случил во иранската нуклеарна централа „Натанц“ во четвртокот, а Техеран тврди дека не е предизвикана штета и дека фабриката работи нормално.
Фабриката за збогатување на ураниум во Натанц од 100.000 квадратни метри, изградена осум метри под земјата, е една од неколкуте ирански објекти што ги набљудува Меѓународната агенција за атомска енергија на ООН.
Израелскиот информативен портал „Јнет“ пишува дека израелскиот сателит однапред ќе предупредува за лансирање ирански ракети и спроведување експерименти и ќе испраќа информации за активности на локации каде што се развиваат и произведуваат компоненти на иранската нуклеарна програма.