Авион на Virgin Atlantic кој што леташе од Орландо до Лондон го оствари првиот лет со помош на гориво делумно направено од рециклиран индустриски отпад.

Боинг 747, кој што слета на аеродромот Гетвик во Лондон минатата недела, користеше мешавина од вообичаено гориво за авиони и етанол направен од отпадни гасови, пишува The Guardian.

“Овој вид на гориво ги користи отпадните гасови богати со јаглерод од фабриките и на некој начин им дава втор живот, елиминирајќи ја потребата од користење на нови фосилни горива од земјата”, вели основачот на Virgin Atlantic, Ричард Брансон.

Според него, ова е голем чекор кон заложбата новиот вид на гориво да стане дел од комерцијална употреба. Комбинираното гориво во себе содржело 5% рециклиран отпад, но од Virgin Atlantic велат дека оваа бројка во иднина може да порасне и до 50 проценти.

Горивото беше произведено од американската компанија LanzaTech која што тврди дека новата мешавина со текот на времето ќе снабдува до 20 отсто од вкупните потреби на гориво во авиоиндустријата. Според нив, тоа би значело намалување на штетните емисии од стакленичките гасови за 65 проценти.