Централната зграда на новиот руски Космички центар со висина од 248 метри ќе изгледа како ракета вперена кон небото. А што уште се знае за новата главна руска лабораторија за производство на ракети, ќе дознаете од нашиот текст.
Во Москва на просторот на Државниот космички научно-призводствен центар „М. В. Хруничев“ се гради новиот Национален космички центар. Архитектонско-градежниот проект го одобри на 21 јуни градскиот Одбор за архитектура и урбанизам, се соопштува на официјалниот сајт на управата на главниот град.
Конкурсот беше објавен во октомври минатата година, а победник е руското проектантско биро UNK project.
Според замислата на архитектите чие решение е избрано за реализација, централното место во центарот ќе го зазема триаголна кула во вид на ракета со висина од 248 метри, во која ќе се наоѓа седиштето на „Роскосмос“. Фасадата на зградата ќе биде осветлена со бела боја, што ќе произведува ефект на движење нагоре. Во долниот дел на зградата осветлувањето ќе има задача да симулира пламен.
До кулата ќе биде изградена долга зграда со истражувачки лаборатории и канцеларии. Низ зградата ќе поминува централната галерија долга 545 метри, по чија должина ќе има кантини и фирми од разни услужни дејности.
Освен тоа, во состав на комплексот се предвидени и музеи во отворени дворови во форма на буквата П, а прототипови на аеровселенска техника ќе висат во воздухот меѓу зградите прикачени со сајли.
Камен-темелникот на новиот Космички центар е поставен во септември минатата година, а завршувањето на изградбата е предвидено за 2022 година.
Извор: Russia Beyond